Дата: 17.11.2020 година
Известување за кафеавата мечка од ЗОО паркот Бриони - Штип
Министерството за животна средина и просторно планирање до Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) достави Барање за вршење на инспекциски надзор во ЈП Исар - ЗОО парк Бриони – Штип, во врска со чување на една единка – мажјак, кафеава мечка (Ursus arctos) во несоодветни услови. Од страна на ДИЖС извршени се два вонредни инспекциски надзори во ЗОО Паркот Бриони - Штип, во присуство на претставници од МЖСПП – Управа за животна средина, Секторот за природа како и претставник од Агенцијата за храна и ветерина.
При надзорот се констатира дека кафеавата мечка – Теди се чува во метален кафез со површина од околу 24m2, што претставува мал простор за тој вид животно, односно е спротивно од членот 32 од Законот за заштита на природата. Врз основа на извршените инспекциски надзори од страна на ДИЖС издадено е Решение со задолжување до ЈП Исар - Штип да се обезбедат подобри услови за чување на диви животински видови во заробеништво (во случајов за кафеавата мечка).
Бидејќи врз основа на издаденото решение, ЈП Исар-Штип изјави дека не се во можност да обезбедат подобри услови за живеење на кафеавата мечка, тие веднаш стапиле во комуникација со ЈУ Зоолошка градина на Град Скопје за нејзино превземање. Барајќи начин како соодветно да го згрижат животното, двете установи склучиле Договор за согласност за преземање на кафеавата и понатаму ЈУ Зоолошка градина на Град Скопје во соработка со МЖСПП склучиле Договор со фондацијата „Четири шепи“ од Бугарија (Foundation FOUR PAWS Bulgaria) за кафеавата мечка да биде згрижена во Центарот за рехабилитација за кафеави мечки “Танцувачки Парк за Мечки”, Белица, Бугарија со што ќе се обезбедат потребните услови за згрижување на ова диво животно. Веднаш по склучувањето на Договорот (01.09.2020 година) ЈУ Зоолошката градина на Град Скопје продолжила со собирање на потребната документација од надлежните органи и држави за извоз на кафеавата мечка. Со добивањето на CITES дозволата за извоз на кафеавата мечка од 09.09.2020 година од страна на МЖСПП и комплетирањето на целосната документација кафеавата мечка на 04.11.2020 година е транспортирана во Бугарија.
ДИЖС изврши контролен инспекциски надзор во ЈП Исар – Штип и редовен инспекциски надзор во ЈУ Зоолошка градина на Град Скопје при што е проверена целосната документација во однос на преземањето на кафеавата мечка од ЈП Исар - Штип и предавањето во Фондацијата “Четири шепи” во Бугарија. Исто така, утвредно е дека транспортот се одвивал добро и кафеавата мечка во добра состојба била пуштена во Центарот за кафеави мечки во Белица, Бугарија која постепено се адаптирала во нови поприродни услови за живеење.
ДРЖАВЕН ИНСПЕКТОРАТ
ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА