Државниот инспекторат за животна средина ангажираше овластена геодетска фирма за изработка на Геодетски елаборат откако беа доставени податоци од Управата за хидрометеоролошки работи за положбата на котата на педесетгодиишните води на реката Пчиња. За потребите на овој Елаборат, геодетската компанија на 9-ти февруари изврши теренски мерења. Тие се реализираа во присуство на државен инспектор за водостопанство и државен инспектор за техничка инспекција и со асистенција на припадници на полицијата, бидејќи претходните обиди за спроведување на мерењата беа спречени од страна на концесионерот.
Со Геодетскиот елаборат ќе се утврди дали концесиското поле навлегува во зоната на плавење на реката Пчиња и дали со ископот е навлезено под котата на подземните води. Овластената геодетска компанија за анализите ќе користи официјални податоци од Управата за хидрометеоролошки работи и Геолошкиот завод. Доколку влезните податоци бидат обезбедени на време, Елаборатот треба да биде изготвен за најмногу две недели. Потоа наодите ќе се достават до Министерството за економија и Министерството за животна средина и просторно планирање за натамошно постапување.